Почитувани граѓани,

Со цел обезбедување социјална сигурност на лицата кои останале без работа поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата (а кои не беа опфатени со Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004, донесен во 2008 година) се донесоа измени и дополнувања на овој Закон, кој влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување, односно денес - 21.02.2014 год.
    Правото на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок согласно овој закон може да го оствари невработеното лице кое ќе поднесе барање до Агенцијата за вработување каде што е евидентирано, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно од денес 21.02.2014 година, па заклучно со ден 22.03.2014 год.
    За да оствари право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, лицето во споменатиот рок треба да се јави во центарот за вработување каде што е евидентирано и лично да поднесе барање на електронски образец (вграден во компјутерскиот систем), кое лично го потпишува пред службеното лице.
При поднесување на барањето невработеното лице доволно е да приложи само важечка лична карта на увид, за докажување на идентитетот на лицето, а сите други потребни документи и докази Агенцијата за вработување може да ги прибави по службена должност. Сепак доколу невработеното лице носи со себе одредена документација и сака истата да биде приложена кон барањето, службеното лице истата ќе ја прикачи кон барањето.
    Доколку барањето не е поднесено во законски утврдениот рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на законот, односно истото е поднесено по 22.03.2014 година, Центарот за вработување ќе го отфрли како ненавремено.
    Невработено лице во смисла на овој Закон е лицето:
-    на кое му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок,
-    кое на денот на престанокот на работниот однос  имало најмалку 25 години стаж на осигурување (што се утврдува од листинг од ФПИОМ),
-    на кое работниот однос му престанал заклучно со 31 декември 2013 година, а кое остварило право на паричен надоместок по 7 април 2000 година и
-    кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно не му престанал работниот однос по негова волја и вина (под вина и волја во случајов се подразбира: отказ од работникот, спогодбен престанок на работниот однос, отказ од работодавачот поради вина на работникот согласно ЗРО).
Невработеното лице за да го оствари правото на материјално обезебедување, треба да ги исполнува сите горенаведени услови кумулативно, односно доколку лицето не исполнува еден од горенаведените услови, истото нема да го оствари ова право, односно ќе се донесе негативно решение.
Невработеното лице кое поднело лично барање во законски утврдениот рок и кое ги исполнува сите законски услови има право на месечен паричен надоместок во висина од 34% од просечно исплатената месечна нето плата по работник во РМ за претходната година (околу 7.100,00 денари и здравствено осигурување).
Правото на паричниот надоместок согласно овој закон, невработеното лице го остварува до негово вработување или пензионирање, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок утврдени со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
Со остварувањето на правото на паричниот надоместок согласно со одредбите од овој закон, на невработеното лице му престанува правото на парични примања по други основи во Агенцијата за вработување.

АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА